Црвениот метеоаларм и натаму во сила низ Европа
Црвениот метеоаларм вклучен во Европа. Европејците се справуваат со горештините. Експертите од ОН предупредуваат дека раниот и интензивен топлотен бран е загрижувачки показател за она што следува...

Црвениот метеоаларм и натаму е во сила низ Европа. Од затворени училишта и знаменитости, ограничена работа на отворено до ноќни жетви и климатски засолништа. Државите се борат, секоја како умее со екстремно високите температури. Италија веќе потврди два смртни случаи.
„Имаме пет мобилни станици на стратешки точки во градот, како што се тука на Пјаца Пија, на Империјалниот форум и на Колосеумот. Нудиме вода, станици за ладење и засенчени површини. Во оваа просторија зад мене нудиме основна здравствена заштита“, изјави Мартина Фистето, Црвен крст на Рим, Италија.
И покрај апелите да се редуцираат патувањата, туристите се снаоѓаат како да се разладат.
„Секој ден купуваме сладолед во рестораните на отворено“, изјави Нилс Стак, турист од Германија.
„Очила за сонце, малку крема за сончање, капа, и тоа е тоа, о да, и секогаш имајте вода во чантата“, изјави Џули Риолачи, туристка од Франција.
„Јас сум од Тексас, и сум малку навикнат на жештината, но искрено не очекував да биде волку топло. Оваа година е екстремно жешко“, изјави Ленс Џентри, турист од Тексас.
Здравствените предупредувања во сила и во Холандија. Пожарникарите со црева ги разладуваат жителите во локалниот парк.
„Многу добра идеја е од нивна страна за да ни помогнат да се разладиме и забавуваме во исто време“, изјави локален жител од Сост, Холандија.
Во истоврме, Романија се соочува со последиците од екстремниот топлотен удар. Една третина од земјата страда од суша, најтешко погоден е југозападот каде жителите имаат проблеми со вода за пиење.
„Се подготвуваме да донесеме вода за пиење“.
„Тешко е на жештината, особено без вода. Додека да стигнам дома, водата е веќе топла“.
Експертите од ОН предупредуваат дека раниот и интензивен топлотен бран е загрижувачки показател за она што следува.
„Сите се изложени на ризик, ако излезете без вода среде ден, да трчате или возите велосипед, веројатно е дека ќе имате здравствени проблеми, па дури може и да умрете. Фреквенцијата и интензитетот на екстремните топлински настани се зголемуваат во Европа и до 2050-та околу половина од европското население ќе биде изложено на висок или многу висок ризик од топлотен стрес во текот на летото“, изјави Клер Нулис, портпаролка на Светската метеоролошка организација.
Високите температури го вклучија алармот од пожари. Хрватска, Франција, Шкотска и Турција веќе се борат со огнените стихии, додека на другата страна на светот, Австралија се бори со бури и поплави.
Бојана Крстевски
