Продолжуваат блокадите во Белград, нови апсења
Денес четврти ден од граѓанската непослушност како граѓаните и студентите во Белград и Србија ги блокираат улиците. Тие бараат предвремени избори, распуштање на „Чациленд“ пред Собранието и ослободување на уапсените...

Во Белград е отежнато движењето, 30-ина градски линии не сообраќаат и граѓаните се движат пеш. Блокадите не се најавуваат, мобилни се и по нивното растурање од полицијата се префрлаат на други или исти сообраќајници. Нов метод на блокада е непрекинатото поминување на пешачки премини.
„Го напуштаме местото и повторно се наоѓаме изутрина или на Плоштадот на Републиката или платото пред Филозофски“, изјави момче на протестот.
Според полицијата, во претходните 24 часа, во Србија се одржани 117 нерегистрирани јавни собири и 87 блокади на сообраќајот. Во Белград се евидентирани 68 сообраќајни блокади на 71-на локација.
Регистрирани се спорадични инциденти, фрлање на факели во ресторани, пробивање на блокади со автомобили. 64 лица се приведени за сторени прекршоци, а 8 лица се приведени поради сомнение за сторени кривични дела.
„Поради нашата попустливост 7 месеци ги пуштавме блокадерите и хулиганите да работат што сакаат затоа што не сакавме да употребуваме сила и да ги сочуваме тие млади луѓе кои се задоени од некого со омраза заради некои лични финансиски и партиски интереси“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Блокади се најавуваат и за утре, меѓу кои е и онаа за белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
На повторените избори во општина Косјериќ повторно со тесно мнозинство победи владејачката СНС, а опозицијата на барање на студентите по повикот за граѓанска непослушност најави дека ќе ја бојкотира работата на Собранието.
Оливер Бранковиќ
