Украина

Вашингтон ја запре испораката на проектили

02.07.2025 13:56

Вашингтон делумно ја запре испораката на проектили за против-воздушна одбрана за Украина. Причината е во загриженоста на американската армија за можен недостиг на овој вид воена опрема. Берлин и Киев сè уште не постигнале договор за испорака на долгострелните ракети Таурус, канцеларот Мерц вели дека управувањето со нив ќе биде надлежност на украинските, но не и на германските војници. Стивнувањето на судирот меѓу Израел и Иран, повторно ја враќа војната во Украина во врвот на светскиот медиумски интерес...

Украина останува без она што беше најнеопходно, системите патриот, ракетите Хелфајер и Стингер, муницијата за хаубиците 155 милиметри, високопрецизните противвоздушни системи, како и без американските минофрлачи. Секретарот за одбрана Хегсет ја потпиша наредбата за запирање на испораката на неодредено време поради зголемено трошење на американските воените залихи. И додека првиот коментар на Киев е-болна одлука на Вашингтон-Трамп ја коментира најновата руска офанзива.

„Ќе видиме што ќе се случи. Одблиску ја надгледувам состојбата“, изјави Доналд Трамп-претседател на САД.

Во отсуство на американската поддршка, Германија повторно на дневен ред го стави снабдувањето на Киев со долгострелните проектили Таурус, чиј дострел е 500 километри. Канцеларот Мерц вели дека одлуката сè уште не е донесена, но со Таурус ќе управуваат само украинските војници. Зеленски ќе го постави прашањето со воена опрема на првиот нареден состанок со Брисел.

„Се подготвуваме за состаноците со Европа. Главна тема ќе биде производството на оружје. Шестмесечното претседавање на Данска мора да биде продуктивно за нашата одбранбена индустрија и за европскиот притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Европските челници се обидуваат да ја надополнат досегашната американска улога во тригодишната војна. Откако за Трамп решението на војната стана наводно второстепено, Макрон се обидува телефонски со Путин а потоа со Зеленски да го реактивира примирјето.

„Немаше барања од Германија или велика Британија. Иницијативата дојде од француска страна. Претседателот Путин постојано ја повторува подготвеноста за дијалог. Разговорот со Макрон беше корисен и плоден. Разменија мислења во детали. И се разјаснија некои позиции“, изјави Дмитриј Песков-портпарол на рускиот претседател.

На удар на Москва ноќеска беше вториот град по големина во Украина, Харков. Има жртви и повредени во нападот во станбена област. Во Херсон беше погодена и болница, повредени се пет пациенти и три медицински сестри. Украина возврати со напад на дронови врз руската република Удмуртија каде што загинале тројца, триесет и петмина се повредени.

 

Зоран Богатинов