Во тек е огласот „Ало докторе“, досега пристигнати 9 апликации

18.08.2014 14:00

Огласот е отворен до 20 август. Повикувачкиот центар ќе почне со работа од 15 септември и ќе обезбедува советодавни здравствени услуги...

Министерството за здравство, во рамки на Програмата „Здравје за сите“ почна со подготовки за реализација на проектот „Телефонска линија за медицински совети - Ало Докторе!". За таа цел на 5 август беше објавен оглас за изразување интерес на доктори кои ќе работат во новоформираниот повикувачки центар, соопштуваат од Министерството.

На огласот досега се пристигнати 9 апликации од различни специјалности во медицината, кои согласно критериумите, треба да имаат најмалку 10-годишно работно искуство како доктори-специјалисти.

На конкурсот може да аплицираат доктори кои се вработени во јавни или приватни здравствени установи, како и невработени или пензионирани доктори. Работата во повикувачкиот центар за докторите кои се во работен однос, ќе се одвива вон работното време.

Огласот е отворен до 20 август. Повикувачкиот центар ќе почне со работа од 15 септември и ќе обезбедува советодавни здравствени услуги, односно консултации и упатства за граѓаните при појава на сипмтоми за кои не е неопходен итен медицински третман (главоболка, настинка, покачена телесна температура, и сл.).

Телефонската линија ќе биде достапна 7 дена во неделата, по 24 часа, со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација за граѓаните во моментот на појава на било какви симптоми на нарушување на здравјето, а воедно докторите ќе даваат медицински консултации и совети за правилна употреба на лековите, со акцент на лековите од ОТЦ-листата кои се достапни во продажба во супермаркетите и бензинските станици.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека докторите во повикувачкиот центар од „Ало Докторе“, ќе бидат поврзани и со националниот електронски систем „МојТермин“ и ќе можат да му помогнат на пациентот со известување за следните чекори во однос на извршената телефонска консултација.