Политика

Муцунски: Во 21 век постојат земји кои се нарекуваат европски, а се обидуваат да ни го оспорат идентитетот

02.07.2025 16:47

Нашиот идентитет се јазикот, историјата, културата – и власта и опозицијата побараа внимателност по изјавата на еврокомесарката Кос. Премиерот Мицкоски бара национален консензус, но гледа и обиди за заривање нож в грб...

„Во 21 век постојат земји кои се нарекуваат европски, а се обидуваат да ни го оспорат идентитетот“ – шефот на дипломатијата Муцунски со остра реакција на, како што ја нарече, активната пропаганда во Европскиот парламент за „модернизација“ на македонскиот национален идентитет, појаснувајќи дека проблем не се само уставните измени, туку и протоколот кој задира во идентитетот.

Наш идентитет се јазикот, историјата, повеќевековната култура, одговори Муцунски по забелешката од еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која идентитетот го поврза и со македонската кујна.

Внимателност побара и СДСМ, од каде што рекоа дека македонскиот идентитет и јазик се признати од ЕУ како неспореден факт.

„Ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имала лоша намера, но апелираме кога се говори за чувствителни прашања да се биде внимателен во изјавите“, велат од партијата.

ДУИ, пак, смета дека изјавата на Кос била погрешно протолкувана.

„Не смееше да се дозволи изјавата на комесарката дека идентитетот не е предмет на политички условувања, туку суштина на човековото достоинство и израз на неговата посебност да стане цел на кампања на омраза и потсмевање“, велат од ДУИ.

Премиерот Мицкоски уверува дека власта работи на враќање на изгубените позиции на меѓународната сцена.

За една недела, Извештајот за Македонија е на пленарна седница на Европскиот парламент, продолжуваат напорите да не дозволи вметнување на одредница „модерен“ пред јазикот и идентитетот.

Ирина Гелевска