Попис

Пописот не смее да биде политичка тема, смета Мицкоски

02.07.2025 15:08

„Вреди“ со кривична пријава до Обвинителството против поранешното раководство на заводот за статистика за пописот. Власта смета дека на земјава и е потребно електронско пребројување за да се добијат реални податоци за населението...

Потребно е да се спроведе електронски попис в година, за да се види конкретно со што располагаме, смета премиерот Мицкоски. Потенцира дека операцијата не смее да биде политичка тема, бидејќи ни треба вистинска бројка, преку која ќе ги креираме идните планови.

Методологија за пресметување на етничката припадност во јавниот сектор, таканаречениот Балансер не беше законски, појаснува министерот за јавна администрација. Минчев додаде дека новото законско решение помина на Влада и ќе биде доставено до Венециската комисија, а потоа и до Собранието.

Од „Вреди“ до Јавното обвинителство поднесоа кривична пријава против поранешното раководство на Државниот завод за статистика и други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ. Причина како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и фалсификување на резултатите од последниот попис.

Од Демократската унија за интеграција пак реагираа на најавите на Премиерот Мицкоски за можен електронски попис в година, обвинувајќи дека станува збор за националистичка агенда, со цел исклучување на Албанците од институциите и од системот. Неодамна Уставниот суд ја укина методологијата за категоризација на населението на резидентно и нерезидентно население, што се применуваше на пописот во 2021-та.

Милчо Велески