Нападите продолжуваат, САД привремено ја запре испораката на оружје за Украина
Според извештаите, запрена е испораката на десетици ракети за системот „Патриот“ клучни за одбрана од руски ракети, илјадници гранати, повеќе од 100 ракети „Хелфаер“, повеќекратни ракетни системи за лансирање, авиони, фрлачи на гранати.

„Америка на прво место“, министерството за одбрана на САД ја правда одлуката на претседателот Трамп за запирање на воената поддршка за Украина. Целта е да се осигуриме дека американската воена помош е во согласност со нашите одбранбени приоритети, велат од Пентагон. Во меѓувреме, Трамп ги укина санкциите врз неколку руски компании и банки.
„Ние нема да даваме никакви ажурирања за специфични количества или видови муниција што се обезбедуваат на Украина или за временските рокови поврзани со овие трансфери. Но, секретарот ќе продолжи да дава препораки до претседателот за неговата одлука за воена помош за Украина во иднина. Ова го гледаме како разумен, прагматичен чекор кон создавање рамка за евалуација на муницијата што се испраќа и каде“, изјави Шон Парнел, портпарол на Пентагон.
Според извештаите, запрена е испораката на десетици ракети за системот „Патриот“ клучни за одбрана од руски ракети, илјадници гранати, повеќе од 100 ракети „Хелфаер“, повеќекратни ракетни системи за лансирање, авиони, фрлачи на гранати.
„Постојат повеќе други робусни опции и напори во врска со украинската ситуација со оружјето. Претседателот, исто така, ја посочи својата преостаната посветеност во врска со ракетите Патриот. Ова не е прекин на помошта на САД за Украина или на обезбедувањето оружје“, рече Тами Брус, портпаролка на Стејт департмент.
Помалку оружје за Украина, поблиску до крајот на војната, велат од Кремљ. Изненадувачкиот потег на Вашингтон го вклучи алармот во Киев. Зеленски вели дека разговорите продолжуваат.
„Во моментов, на работно ниво меѓу Украина и САД, се разјаснуваат сите детали со снабдувањето со одбранбена поддршка, особено компонентата за воздушна одбрана. На еден или друг начин, мора да обезбедиме заштита за нашите луѓе“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот нападите се посилни. Ноќва со беспилотни летала нападната Полатва, Одеса.
„Беше погодена станбена зграда. Избувна пожар од големи размери. Станови од седмиот до деветтиот кат беа во пламен. Луѓе беа заробени во домовите, а единаесет лица беа спасени од горните катови, вклучувајќи две деца“, изјави Марина Аверина, Регионална служба за вонредни ситуации на Одеса.
И покрај големите загуби, Русија во последните месеци оствари бавен, тежок напредок, а на почетокот на неделата објави целосна контрола врз источниот регион Луганск.
Маријана Димовска
