Ракомет до 18 години - ЕП Полска

Македонија против Србија и Исланд!

18.08.2014 14:49

Следниот дуел, нашите млади ракометари ќе го одиграат утре против Србија во 13 часот, а во истиот термин в среда ќе му се спротивстават на Исланд...

20 години по шестото место на дебитанскиот настап на Европските првенства за ракометари до 18 години, Македонија на шампионатот во Полска ќе игра за што подобар пласман од 9-то до 16-то место. Поради трите порази во првата фаза, нашата репрезентација во вториот дел од првенството ќе биде во група со Србија и со Исланд, но нема да пренесе ниту бод. Причина за тоа е неразбирливиот пад во играта во првиот меч против Русија, во којшто Македонија водеше со осум разлика, а загуби минимално. Токму во 1994-та Македонија беше совладана од „зборнаја“ во натпреварот за петтото место со 34:19. Убедливите порази од Шпанија и од Данска беа очекувани поради квалитетот на противниците.

Во новоформираната конкуренција И1, Исланд и Русија ќе стартуваат со по два бода, Македонија и Србија ќе почнат од нула, во обидот да ги освојат првите две места и да разигруваат за пласман од 9-та до 12-та позиција. Во таков случај можните противници  доаѓаат од групата И2 во којашто се Хрватска, Белорусија, Чешка и Романија.

Следниот дуел, нашите млади ракометари ќе го одиграат утре против Србија во 13 часот, а во истиот термин в среда ќе му се спротивстават на Исланд.

Во главната фаза од којашто ќе произлезат и носителите на медали, во М1 групата со по два бода влегоа Шведска и Шпанија, додека Данска и Швајцарија се без бодови.

Во предност во трката за двете позиции што обезбедуваат полуфинале, во М2 сегментот се Германија и Унгарија со по два бода во однос на Франција и на Полска кои се на нула.

Титулата од Европско првенство пред две години ја брани Германија кој во финалето беше подобра од Шведска со 30:29, додека бронзата тогаш и припадна на Данска која со 37:22 ја прегази Шпанија.

Најмногу медали на досега 11-те шампионати на стариот континент за ракометари до 18 години, освоила Данска, вкупно девет, но ниту еден златен, а три сребрени и шест бронзени. Најуспешни со по две титули и со по едно второ место, се Хрватска и Германија.