Нема пресуда за кумановскиот градоначалник
Нема пресуда за кумановскиот градоначалник. Обвинителството по речиси две години судски спор, одлучи да го повлече обвинителниот акт. Димитриевски беше осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување. Одбраната на оштетените бизнисмени незадоволна, тврди дека не постојат правни основи за повлекување. СДСМ бара истрага во обвинителството...

На само пет дена пред завршните зборови во судската постапка, основното јавно обвинителство Куманово го повлече обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски. Тој беше осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување, по пријава на сопственици на градежни фирми за неиздавање дозвола за градба. Тие бараа надомест од три милиони денари. Шефицата на кумановското Обвинителство одби да зборува пред медиуми, и не препрати на официјалното соопштение. Одлуката на обвинителството за запирање на процесот, е поради надмирената штета, односно издаденото одобрение за градење. Предметот двапати бил рефериран и од државното Обвинителство.
„Се утврди дека не постојат цврсти докази со кои надвор од разумно сомневање би се докажало сторувањето на кое било друго кривично дело кое се гони по службена должност“, се вели во официјалното соопштение од Основното јавно обвинителство.
Првиот човек на Куманово задоволен вели правдата излезе на виделина, реков дека е тоа е политички монтиран процес. Фактите и аргументите во форма на докази ги побија обвинувањата и потврдија дека работам по законот во заштита на јавниот интерес, истакна Димитриевски. Одбраната на оштетените незадоволна. Велат не постојат правни основи за повлекување на актот.
„Не држи ниту еден од аргументите за повлекување на обвинителниот предлог, исто така еден од аргументите е дека обвинетиот не ја донел одлуката за суспензија на деталниот урбанистички план, туку тоа го сторил Советот, да но предлагач на одлуката е токму обвинетиот и така што не може да се амнестира од самата одговорност. Од правен аспект нема никаков правен основ да се повлече обвинението“, посочи Виктор Божиновски, адвокат на оштетени.
Од СДСМ бараат истрага во обвинителството и прашаа по чиј налог е повлечено обвинението.
„Случајот бил воден повеќе од една година. Со конкретни обвинувања на службена положба за неисполнување на службена положба со нанесена штета од над 3 милиони денари. Сега без никакви докази без промена на фактите, обвинителството едноставно се откажува. По чиј налог, повикуваме на итна истрага во обвинителството, кој го донел решението за повлекување на обвинението и со какви мотиви“, праша Соња Тодоровска, секретар на ОО СДСМ Куманово.
Истражната постапка и собирањето на доказите во случајот против Димитриевски започнаа пред две години. Судскиот процес трае од април лани. Се одржаа неколку рочишта, на кои се сослушуваа оштетените, сведоци, вешти лица.
Елена Георгиевска
