Сезоната на пожари почна порано

Четири активни пожари, од трите ер-трактори во функција само еден

03.07.2025 14:26

Во текот на вчерашниот ден се регистрирани 29 активни на отворено, од кои четири се со поголем интензитет. Посебна опасност претставуваат и минскоексплозивните средства од Втората Светска војна. Годинава бројот на пожари е загрижувачки, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување. Само за нецела недела во јули се регистрирани 43 пожари на отворено. Ангелов со апел до граѓаните да се грижат за викендичките и дворовите во напуштените куќи…

Четири пожари се активни и се интервенира. Пристапот за гаснење е многу лош кај село Длабочица, Старо Нагоричане, каде гори мешана шума, бор и сува трева. Во борбата со огнената стихија има и повредени. Меѓу нив вработена во Национални шуми, која е пренесена во кумановската болница. Двајца завршиле на кислородна поддршка, а останатите имаат други повреди.

Од Дирекција за заштита и спасување посочија дека алармантно е и во прилепско, во атарот на Градешница, Валандовско и Македонски Брод. Годинава сезоната на пожари почна порано, вели првиот човек на Дирекција за заштита и спасување. Само три дена во јули, регистрирани 43 пожари.

Од трите ер-трактори, во функција само еден. Се очекува следната недела од сервис да стаса и вториот, а за третиот е неизвесно. Двајцата пензионирани пилоти повторни ангажирани. Недостига кадар, за кој, пак, ќе треба и обука. Се прават напори сервисите за ер-тракторите да се прават во земјава.

За ефикасно справување со пожарите ќе се пренаменат специјални возила од полицијата и армијата.

Наташа Гркова-Петрушевска