Евроинтеграции

Мицкоски: На талибански начин се брише македонскиот јазик и македонскиот идентитет од извештајот на ЕП

03.07.2025 15:03

На талибански начин се брише македонскиот јазик и идентитет од извештајот за напредокот на Македонија – коментира шефот на македонската влада Мицкоски. Бугарски медиуми објавија дека мнозинството во Европскиот парламент постигнало согласност за поддршка на амандманите на извештајот, односно бришење на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“…

На талибански начин се брише македонскиот јазик и идентитет од извештајот за напредокот на Македонија – коментира шефот на македонската влада Мицкоски. Предупредував дека ќе се случува инженеринг од овој тип вели тој. Реакцијата доаѓа по пишувањето на бугарските медиуми дека три партии во Европарламентот договориле бришење на македонски идентитет и јазик.

„За жал, оние егзибиции коишто седум години се случуваа кај нас, дома тука, не доведоа во една ваква ситуација. Еве гледате би рекол, има еден збор да го употребам, но не би сакал да го употребам, но ќе го употребам, ќе одам чекор понапред, на талибански начин се брише македонскиот идентитет и македонскиот јазик од Извештајот во Европа. Тоа го дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа го дочекавме, тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“ – истакна премиерот Мицкоски.

Ова е подеднакво лошо како и додавката „модерен јазик и идентитет“-посочува македонскиот премиер.

„Она што е важно е да се спомене дека оној мал чекор кога помина на Комитетот за надворешни работи и македонски јазик и македонски идентитет, ќе остане во колективната меморија, дека за првпат некогаш помина македонски идентитет и македонски јазик, во главниот град на ЕУ, Брисел, во седиштето на европската демократија, ЕП. Уште еднаш на јавна сцена се докажа дека не е проблемот внесувањето на само неколку стотини Бугари во Уставот, туку дека проблемот е многу подлабок“ – истакна Мицкоски.

Премиерот открива дека ќе има средба со коалицискиот партнер ЗНАМ во однос на локалните избори, но не открива дали на коалицијата што ја преводи ќе се приклучат и нови партии.

Прашан да ги коментира новите кандидатски имиња на СДСМ за градоначалници, премиерот Мицкоски вели-им посакувам успешна кампања, и ќе изгубат.

Миле А. Ристески