Европа на удар на топлотниот бран, расте бројот на жртви
Над 40 Целзиусови степени бележат Италија, Шпанија, Португалија, Германија. Горештините – најголем ризик за бездомниците.

Европа и натаму на удар на топлотниот бран. Расте бројот на жртви, стотици се хоспитализирани како резултат на екстремно високите температури. Над 40 Целзиусови степени бележат Италија, Шпанија, Португалија, Германија. Горештините – најголем ризик за бездомниците.
„Бездомниците се исклучително ранливи поради климатските промени и зголемените топлотни бранови. Тие едноставно немаат дом. Не можат да се истушираат или да земат ладен пијалак. Цел ден се на улица. Бетонот е жежок, градот зрачи топлина, и ако можеби легнат некаде да одморат и заспијат, голема е веројатноста да умрат од топлотна исцрпеност“, изјави Барбара Бројер, портпаролка на Градската мисија во Берлин.
Топлотниот бран не го заобиколи ниту Балканот. Црвен метеоаларм е вклучен во Република Српска, делови од Хрватска и Босна и Херцеговина. Предупредување за екстремни временски услови издаде и српското метеоролошко друштво. Источна и југоисточна Србија под црвено знаменце, остатокот од земјата во портокалова фаза. И покрај апелите да се остане дома, луѓето спасот од жештината го наоѓаат во околните плажи и паркови.
„Да бидам искрена, дојдов во природа затоа што тоа е единствениот спас, сè друго е вештачко. Клима-уредот не е здраво разладување“, изјави Снежана Чучуревиќ, локална жителка.
„Можам добро да се справам со топлината. Не ми пречи многу. Имам клима-уред дома што го вклучувам и доаѓам тука на плажа. Наутро поминувам време на сонце, а потоа во сенка“, изјави Драгана Ристовиќ, локална жителка.
Источниот дел на грчкиот остров Крит зафатен од голем пожар. Властите наредија евакуација на повеќе од 1.500 жители и туристи. Вчера избувна пожар и во шумска област кај Вурвуру на Халкидики. Во Измир, Турција и натаму беснеат пожари.
Бојана Крстевски
