Ставрески и Спасов на терен- граѓаните се интересираат за отпис на долговите

18.08.2014 15:04

За да се искористи оваа еднократна можност, потребно е граѓанинот да пополни барање со основните податоци и да се наведат обврските кои бара да му бидат избришани...

Oд денеска почна поднесувањето на барања за отпис на долговите за најранливите категории граѓани. Ќе се бришат старите обврски за потрошена струја, парно, радиодофузна такса, како и долговите кон банките направени до крајот на минатата година.

Јавниот повик е објавен, бројот на потребните документи е сведен на минимум и во најголем дел ќе ги обезбедат самите државни институции за што се пополнува посебна изјава.

За да се искористи оваа еднократна можност, потребно е граѓанинот да пополни барање со основните податоци и да се наведат обврските кои бара да му бидат избришани.

„Уште од отворањето на центрите за социјална работа граѓаните доаѓаат и се интересираат, а некои од нив веднаш поднесуваат барање, додека други ги земаат формуларите кои ќе ги пополнат дома. Има добар интерес и граѓаните се одѕваа на можноста што им се дава за еднократен отпис на долговите“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов го посети Центарот за социјални работи во Гази Баба.

Ставрески нагласи дека отписот на долговите е исполнување на предизборно ветување и една од најзначајните мерки на Владата во програмата 2014-2018 година.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов информираше дека во текот на денешниот ден се подигнати околу 2.000 барања од страна на примателите на социјална помош.