Украина

Телефонски разговор Трамп-Путин

04.07.2025 09:43

Телефонски разговор Трамп-Путин. Американскиот претседател вели дека немало никаков напредок во однос на воениот конфликт во Украина. Москва не се откажува од своите цели...

Москва-Вашингтон повторно на линија за украинскиот конфликт. Дипломатско решение ДА, но не по цена на остварување на целите на Русија – му порачал Путин на Трамп. Шефот на Белата куќа не е оптимист за брзо завршување на војната. Разорачан е од Путин, по кого следен за разговор е Зеленски.

„Ќе разговарам со Зеленски, многу сум разочаран од разговорот што го имав со Путин бидејќи не мислам дека постигнав напредок со него. Многу сум разочаран“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

„Трамп одново го покрена прашањето за брзо прекинување на воените дејствија. Путин, од друга страна, истакна дека продолжуваме да бараме политичко преговарачко решение за конфликтот. Рече дека Русија ќе ги постигне своите цели нема да се повлече од нив – елиминирање на сите коренски причини што доведоа до сегашната конфронтација“, изјави Јуриј Ушаков – советник на Путин.

Зеленски се надева на американската поддршка, верува дека Трамп ќе ја преиспита одлуката на Пентагон за прекин на испораката на оружје во Украина.

„Се надевам дека ќе разговарам за ова со претседателот Трамп. Секако сметаме на континуирана американска поддршка, бидејќи постојат одредени позиции што, за жал, Европа не може да ги обезбеди. Особено ако зборуваме за ракети за системот „Патриот“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Западните сојузници ветуваат поддршка за Украина. ЕУ има 150 милијарди евра што земјите членки можат да ги искористат за да ѝ обезбедат воена опрема-истакна шефицата на Европската комисија.

„150 милијарди евра земјите членки можат да ги искористат или да купат воена опрема и да ја дадат на Украина, или да ги инвестираат во ефикасната украинска одбранбена индустрија за која Зеленски рече дека е многу ефикасна“, изјави Урсула фон дер Лајен-претседател на Комисијата на ЕУ.

„Ќе ги разгледаме одлуките донесени во Вашингтон. Се надеваме дека партнерството ќе продолжи. Важно е дека ако има какви било празнини, мора да ги пополниме. Кога испорачуваме оружје во Украина, мора да размислуваме за тоа како дел од нашето повторно вооружување. Бидејќи во моментов армијата во Украина е таа што ја штити Европа“, изјави Мете Фредериксен-дански премиер.

Русија изврши нов масовен напад врз Киев, со рекорден број ракети и дронови од почетокот на инвазијата. Десетици луѓе се повредени, регистрирани се пожари и експлозии низ градот. Украина возврати со дронови врз Москва и Ростов, погодени трафостаници, има и жртви.

 

Бојана Крстевски