Трет ден комисиска расправа за ребалансот на Буџетот, поднесени над 200 амандмани
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека со ребалансот не се менува буџетскиот дефицит, туку се прилагодуваат расходите со цел непречено финансирање на приоритетните програми.

Во Собранието продолжува трет ден расправата за предлог-ребалансот на Буџетот, за кој се предложени над 200 амандмани.
Пратениците од власта го бранат ребалансот како одраз на стабилна економска политика со зголемени средства за плати, пензии и капитални инвестиции, додека опозицијата го критикува како покритие за буџетски пропусти и ново задолжување.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека со ребалансот не се менува буџетскиот дефицит, туку се прилагодуваат расходите со цел непречено финансирање на приоритетните програми.
Вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, а расходите на 403,7 милијарди. Дефицитот останува 4% од БДП, капиталните расходи 47,5 милијарди, а јавниот долг се проектира на 62,1% од БДП.
Предвидено е раст на платите во МВР од 10% и дополнителни средства за зголемени пензии и капитални проекти.
