Традиција

Јован и Лилјана- годинашни зет и невеста на Галичката свадба

04.07.2025 13:40

Наближува Петровден, а тоа значи дека полека е време за Галичката свадба, една од најживописните традиции во земјава. Денеска претставени зетот и невестата…

Младите во Македонија продолжуваат да ја негуваат оваа повеќевековна традиција. Годинава, својата љубов, под Бистра, ќе ја овековечат Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. За една недела од сега, утрото во Галичник ќе осамне со звукот на зурлите и тапаните, кои ќе го означат почетокот на дводневната галичка свадбена прослава.

Минатото, традицијата и идентитетот им се важни на младите, бидејќи тие ја создаваат нивната сегашност и иднина, велат организаторите.

Галичките петровденски свадбени прослави се повеќевековна македонска традиција, која како официјална манифестација е воспоставена во 1963-та година. Галичката свадба е препознатлива поради уникатните свадбени обичаи и ритуали, но и по единствените галички носии.

Покровителка на настанот е македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова.

Марија Котовска