Социјала

Поднесени првите барања за отпис на долгови

18.08.2014 16:02

Стартува отписот на долгови. Од денеска, социјалноранливите категории граѓани имаат 30 дена да поднесат барање до центрите за социјални работи. Само до пладне, во еден од центрите за социјална работа, поднесени над 2.000 барања за отпис.Се работи за еднократна мерка, која треба да биде комплетирана за два до три месеци. Надлежните со став – подготвени сме да ги процесуираме барањата...

Марјан Станковски е 11 години без работа. Време за кое му се натрупале долгови. Нема пари да го врати земениот кредит. Тој е еден од првите кои поднесоа барање за отпис.

„Имав потрошувачки кредит. Додека бев вработен, редовно плаќав. Ми остана уште половина кредит за плаќање, со каматите се зголеми сумата, и сега затоа барам да се избрише долгот“, вели Марјан Станковски, барател на отпис на долг од кредит.

За разлика од него, Арзија Абаз бара да и се прости долгот за струја, оти нејзиното дете било тешко болно. Должи многу пари.

„1.500 евра должам, може и повеќе“, вели Арзија Абаз, барател на отпис на долг за електрична енергија.

Овој човек е, пак, вдовец и невработен. Струјата ја платил, но не и радиодифузната такса. И тој побара простување на долговите.

„4.000 денари ми е долгот за радиодифузна такса, електричната енергија ја платив од социјалната помош“изјави барател на отпис на долг за РДТ.

Ќе се отпишуваат долгови за струја, парно, РДТ, минуси на кредитни картички, пречекорувањата на трансакциски сметки и обврските од потрошувачки кредити, настанати до крајот на минатата година, ненаплатени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата. Постапката за отпис почна.Според проценките, со оваа мерка ќе бидат опфатени меѓу 50 и 100 илјади граѓани.

Центрите за социјална работа се полни со луѓе кои бараат отпис на долговите. Со мерката се опфатени трите најранливи категории граѓани: примателите на социјална или постојана парична помош, невработените кои повеќе од една година активно бараат работа и лица изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар, инвалидност или потешка болест, настанати во последните пет години.

Во проектот се вклучени банките и две штедилници, ЕВН, ЕЛЕМ, Топлификација, МРТ, Нотарската комора и Комората на извршители.

„Банките, ЕВН, Топлофикација се откажуваат од 100 проценти од побарувањето, односно од главнината и каматата. Извршителите и нотарите се откажуваат од нивниот дел, а ние ќе им компензираме со 10 проценти, колку што е ослободувањето од данок, бидејќи се работи за лоши пласмани кои тешко се наплатуваат. За граѓаните е важно што долгот целосно, без никакви ограничувања, ќе им биде отпишан“, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Министерот Спасов уверува -  институциите се подготвени.

„Во наредниве денови очекуваме бројот на граѓани, кои подигнуваат и поднесуваат барања за отпис на долгови, сè повеќе да се зголемува, со цел да го оставарат своето право за еднократен отпис на долгови“, изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.

Отписот на долгови се очекува да заврши до ноември.

 

Мартин Пушевски