Вештачењето завршено, се чека одлука за обвинението за пожарот во Кочани
Завршени се вештачењата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Откако предметот заврши во рацете на Кривичниот суд во Скопје, се чека оценка на обвинителниот акт. Сега, и Обвинителството размислува дали надлежноста да остане на кочанското обвинителство, или, и таа да се делегира на скопското. Предметот за полициските службеници сè уште е во истрага...

Завршено е вештачењето за пожарот во дискотеката „Пулс“. Кривичниот суд пак сè уште нема донесено оценка за обвинителниот акт, изјави државниот обвинител Коцевски. Републичкото обвинителство размислува и дали да се одлучи и по однос на надлежноста-дали ќе остане под кочанското обвинителство или за постапување по жалби ќе се делегира кај колегите во Скопје.
Датум за првото рочиште сè уште не е одреден. Кочанскиот суд во Скопје ги прати сите документи од предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“, откако Врховен одлучи надлежноста да ја даде на скопскиот Кривичен. Ваквата одлука беше донесена зашто судовите во Штип и Струмица немаат доволно судии по кривично право. Поради сложеноста на предметот и бројот и на обвинети и на оштетени, Врховниот суд реши да постапуваат судии од скопска единица, кои ќе гарантираат ефикасност, стручност, законито постапување. За полициските службеници пак, осомничени за пожарот во „Пулс“, истрагата сè уште е во тек. Бидејќи сè уште нема притвор, Коцевски најави дека обвинението би требало да финишира до септември.
Во трагедијата во Кочани загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Обвинети се 34 физички и 3 правни лица, меѓу нив сопственикот на „Пулс“, поранешни и актуелни министри, ексдиректори на Пазарниот инспекторат.
Викторија Милевска
