Стомачни вируси: Лекарите и градинките со различни ставови
Стомачните вируси ги празнат градинките. Родители добиваат пораки на телефон болните деца да не ги носат за да не ги заразат здравите.

Од градинките со пораки во Вибер групата до родителите: не носете ги децата во градинка доколку имаат стомачен вирус, ќе ги заразат и другите. Дали родителите се неодговорни и кога децата треба да бидат однесени во градинка? Матичните лекари велат дека ако детето во текот на денот има две течни столици, во тој случај може да оди во градинка.
Повеќедецениското искуство на докторката Анкица Станоевска покажува дека ваквите лесни вирози поминуваат за ден-два и ако детето не повраќа и не е дехидрирано, може да биде дел од колективното згрижување.
„Се разбира дека детето што е со тешка симптоматологија нема да биде во градинка и истото треба да биде и на посебен режим на исхрана. Ова е период каде навистина имаме многу стомачни вирози, многу труења со храна и би кажала дека децата што се со лесна симптоматологија нема никаков проблем да ја посетат градинката“, вели д-р Станоевска.
Но, вакви пораки градинките праќаат во зимските месеци кога се актуелни респираторните вируси. Докторката Станоевска вели, матичните доктори влегуваат во конфликт за процедурите што ги имаат градинките.
Со години во градинките се бара негативен брис од нос и грло и потврда од доктор дека детето е здраво, а ретко кое дете до 6 години нема бактерија во нос. Но, доколку детето има бактерија во грло, стрептокока на пример, треба да биде изолирано, да не оди во градинка и да се лекува.
Наташа Јанчиќ-Менковски
