Пеколни горештини во Македонија, донесени препораки за заштита на населението
Пеколни горештини во Македонија. Земјава е зафатена од топлотниот бран што донесе температури и над 40 степени. Донесена е одлука да се активира третата фаза од акцискиот план за заштита на населението. Донесени се и препораки, кои меѓу другото предвидуваат ослободување на ранливите категории од работа…

Топлотен бран ја зафати државата, температурата го достигна 40-тиот степен. Надлежните ги активираа препораките од акцискиот план за заштита на населението, на сила ќе бидат во наредните четири дена. Предвидуваат од работни обврски да се ослободат бремените жени и лицата постари од 60 години, но ова не се однесува на вработените во критичната инфраструктура, односно здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални претпријатија. За работниците кои се директно изложени на сонце се препорачува одложување на работниот процес во период од 11 до 17 часот. Активирани се и планови за вонредни услови.
„В недела во попладневните часови ќе има локална нестабилност, ќе имаме изолирани случаи на локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи, повеќе во западните делови на земјата, но тоа нема да влијае на температурата. Овие високи температури ќе траат до вторник“, вели Ленче Ризова од УХМР.
Пеколните горештини енормно ја зголемија потрошувачката на вода во Скопје. Од „Водовод“ апелираат на совесно и рационално користење, бидејќи, последните 20 дена, вклучени се и помошните бунари, а доколку продолжи ваквата потрошувачката, има опасност скопјани да останат без вода за пиење.
„Скопјани ќе страдаат за вода, верувајте. Имаме страшен проблем. Двата извори од Рашче се комплетно искористени и се дополнува вода од пет бунарски подрачја. 370 илјади метри кубни вода во текот на еден ден трошат скопјани, по глава на жител тоа доаѓа околу 700 литри. Јас само ќе напомнам дека европските норми се 200 литри по глава на жител“, вели Зоран Недевски – директор во ЈП „Водовод и канализација“.
Граѓаните ќе можат да здивнат од среда, за кога се најавува засилен северен ветер кој ќе предизвика опаѓање на температурата.
Сончево и многу топло. Живата на термометарот го достигна 40-тиот степен. Според метеоалармот, жешкото време ќе се задржи и во наредните денови.
Андријана Ѓурческа
