И граѓаните пријавуваат прекршоци

Зголемените сообраќајни контроли откриваат голем број прекршоци

18.08.2014 16:09

Полицијата го вклучи алармот за превенција од сообраќајни незгоди. Зголемени се сообраќајните контроли, откриени се голем број прекршоци...

1.716 сообраќајни незгоди, 71 загинат во првата половина од годинава, 1.894 сообраќајки и 87 загинати во истиот период лани. Полицијата го вклучи алармот за превенција од сообраќајни незгоди. Зголемени се сообраќајните контроли, откриени се голем број прекршоци.

Од почетокот на годинава до денес се спроведени речиси 100 илјади сообраќајни контроли, со тоа е зголемен и бројот на откриени прекршоци.

Исклучени се 1.644 возачи под дејство на алкохол, 218 возачи почетници, бројот на времено одземени возачки дозволи е зголемен за 563 насто во однос на истиот период лани. За 11,24  насто е зголемен и бројот на исклучени возила од сообраќај, опаѓа бројот на нерегистрирани, а се зголемува бројот на технички неисправни возила.

„Мора да упатиме и една порака до учесниците во сообраќајот, без разлика во која улога се наоѓаат, дека секој од нас носи сопствена одговорност и може да биде причина за губење човечки живот или сообраќајна несреќа со потешки последици“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Во периодот што следува уште повеќе ќе се интензивира присуството на сообраќајната полиција на терен.  Се повеќе граѓани се приклучуваат во пријавувањето на сообраќајни нерегуларности, каде што полицијата веднаш интервенира.

„Најосновно е да се работи на мерките за подобрување на сообраќајот, пред се, на совеста на граѓаните... Населението и полицијата да соработуваат, со тоа сообраќајот ќе биде побезбеден... Добро е, и треба да се практикува се повеќе...“, велат случајно анкетираните граѓани.

За три недели на адресата на МВР стигнале 120 предлози. По нив се изречени 115 покани за наплата на глоба, 9 предупредувања, 2 возила се подигнати со пајак.

 

Наташа Гркова-Петрушевска