Животна средина

Во Куманово секојдневно се пали отпад и депонии

05.07.2025 12:50

Кумановци секојдневно дишат загаден воздух. Продолжува палење на смет, депонии. Секое утро или во попладневните часови се подигаат облаци од чад од запалени гуми и електрични кабли. Граѓаните со забелешки, најавуваат и блокади. Надлежните со сет итни мерки …

Зачестени пожари во Куманово. Само во јуни пожарникарите евидентирале дури 75 пожари, повеќето на отворен простор. Од нив дури 25 на иста локација. Се палат депонии, отпад, но и гуми и кабли заради металните жици. Најпогодени се жителите на булеварот „Октомвриска револуција“. Но непријатна миризба и чад, се чувствуваат низ целиот градот. Тие неколкупати пријавувале во институциите. Имаат и снимки од загадувачите, но решение сè уште нема. Бараат институциите да ги слушнат. Во спротивно најавуваат блокада на најфреквентната улица.

„Секојдневно се соочуваме со палење на огин од секако вид на отпад. Смет, пластика, гума, трева сега во летен период. Морам да нагласам дека во зимскиот период е уште позагадено“, посочи Бобан Перински, жител на м.з Панче Пешев, Куманово.

Од Противпожарната единица велат се пали и друг смет, но и диви депонии.

„Се надевам дека искрено ќе престане ова палење на сите страни со што и директно се доведуваат во опасност луѓето таму. Вчера имавме интервенција со три возила и 8 пожарникари, буквално пожарот беше влезен во дворовите на луѓето во куќи“, истакна Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.

Кризниот штаб со насоки и мерки. Воведени се заеднички патроли на комуналната инспекција и кумановската полиција. Тие ќе патролираат на критичните точки. Екипа пожарникари ќе дежура на локацијата каде што секое попладне има пожар. Ќе се чистат депониите и ќе се постават нови садови. Но важна е велат свеста на граѓаните.

„Од страна на Општина Куманово досега има 20 случаи фатени лица кои создавале депонии и опожарувале. Ние ги информираме МВР но за жал сето тоа по насоки на Обвинителството останува како прекршок“, вели Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.

Најголем дел од пожарите се случуваат на отворен простор, на локации каде што нема население.

Последните истражувања покажуваат дека втор причинител за аерозагадувањето во Куманово, е согорување отпад на отворено.

Елена Георгиевска