Отворено 64. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри
Синоќа во Охрид беше отворено шеесет и четвртото издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Љубителите на фолклорот од земјава и странство во наредните неколку дена ќе уживаат во настапите на повеќе ансамбли од земјава, Бугарија, Србија и Австралија кои презентирајќи го своето фолклорно богатство уште еднаш ќе придонесат за зближување на народите и нивните култури.

Со настапот на „Танец“ синоќа во Охрид беше отворена една од најстарите фолклорни манифестации во земјава-балканскиот фестивал на народни песни и игри. На манифестацијата ќе продефилираат ансамбли од земјава, регионот и Австралија, кои преку песни и игри повторно ќе придонесат за зближување на народите, бидејќи фолклорот спаѓа во редот на најголемите репрезенти и амбасадори на секоја држава.
„Нашата работа е многу помоќна од дипломатскиот глас. Ние преку играта и песната покажуваме и докажуваме кои сме, што сме и што навистина ние сме. Односно го покажуваме нашиот македонски код, нашиот македонски идентитет и нашата македонска традиција“, изјави Весна Митевска – директорка на ансамблот „Танец“.
„Овие сегменти на фестивали, на било какви дружби промовира не политика, туку вистинска дружба, вистински луѓе, да се запознаат со вистинските човекови вредности. Таква една природа на настани треба да се вткае во искуствата на младите, оттука да ги црпат искуствата од реални позиции, од реални настани“, изјави Горан Стојаноски – директор на НУ центар за култура „Григор Прличев“ Охрид.
Игрите и песните со векови ги негувале нашите предци како најголеми вредности за зачувување на македонскиот идентитет, поради тоа од наредната година се најавува враќање на фестивалот на старите патеки по кои беше препознатлив во светот.
„Овој фестивал не е само за градот Охрид, овој фестивал не е само фестивал за нашата земја, овој фестивал некогаш беше познат светски фестивал. Јас како долгогодишен член на ансамблот танец настапував со моите колеги „Коло“ Србија, моите колеги „Ладо“ Хрватска, моите колеги „Филип Кутев“ од Бугарија, таа работа мора да ја враќаме и сега“, изјави Јовица Блажевски – селектор на фестивалот.
Многу пати досега на отворањето на фестивалот се упатувале пораки дека иднината на светската цивилизација е во почитувањето на различностите, а кога тие се упатуваат од древниот Охрид сè уште посилни, бидејќи во овој град сите цивилизации оставиле длабоки траги.
Сашо Нелоски