Печалбарските свадби ја раздвижуваат локалната економија
И ова лето Тетово е полно со иселеници кои секоја година доаѓаат на годишен одмор, но и да направат свадба според нашите обичаи. Поимотните за една свадба трошат и по десетина илјади евра. Познавачите велат- печалбарските свадби ја раздвижуваат локалната економија...

Јехона Шабани Матранчи веќе четири години се занимава со организирање свечености. Најмногу работа има во лето, со доаѓањето на нашинците од странство. Во еден ден оранизира и по пет свадби. Вели дека печалбарите не ги штедат парите за да имаат гламурозна свадба.
„Гламурозните свадби почнуваат од 5 до 10 илјади евра, комплет со сите наши услуги, од покани до торта. Снимање, фотографирање, организирање, хостеси, автомобил: олдтајмер, кочија, хамер... Имаме и танчерки“, вели Јехона Шабани Матранчи – Сопственик на агенција за организирање свечености.
Овој период бизнисмените го чекаат цела година. Иселениците успеваат за само месец и половина значително да ја раздвижат локалната економија. Повеќето ресторани за свадби работат само за нив.
„Битно придонесуваат за привремената стабилност на економската состојба во самиот регион“, изјави Неби Јусуфи од „ЕСА“ – Агенција за поддршка на претпријатија.
Новите генерации поретко се враќаат во родните краишта, раскажуваат иселениците. Некои од нив ги сакаат балканските простори. Други, пак, немаат мотив што ги привлекува назад.
„Овде доаѓам затоа што ми е роден крај, за ништо друго“, вели еден иселеник.
„Доаѓам зошто е убава природата. Не е лошо, добро се живее на Балканот. Во странство се работи“, рекоа иселениците со кои празговаравме.
Кога доаѓаат гастербајтерите овде се прави бизнис, но и голем сообраќаен метеж. По тетовските улици се возат модерни и моќни автомобили со странски таблички.
Според некои неофицијални статистики иселениците во регионов доаѓаат со околу 5 – 6 илјади возила. Додадено на овдешните околу 35 илјади и оние што дневно од тука поминуваат, тетовските улици во лето се блокирани со речиси 50 илјади возила.
Зоран Јованоски
