ТОПЛО ВРЕМЕ

Топлотниот бран го наполни ургентниот центар во Куманово

06.07.2025 11:51

Покачените температури го наполнија ургентниот центар во Куманово. Топлото време најмногу проблеми предизвикува кај повозрасните, бремените жени и децата. Дел од граѓаните се заштитуваат, други не …

Зголемен број пациенти периодов регистрира ургентно-хируршкиот центар во Куманово. Високите температури најмногу ги погодуваат повозрасните лица, бремените жени, децата. Се жалат на кардиоваскуларни проблеми, проблеми со вртоглавици, респираторни болести

„Најчесто се жалат на потешки симптоми на главоболки, нарушена свест, тахикардија, нарушено дишење, сува уста, дехидратација“, истакна доктор Стефановски.

Лекарите апелираат граѓаните да не излегуваат надвор од 11 до 17 часот, да внесуваат течности, и носат лесна облека.

-Малите деца да се пазат, да не се оставаат значи во автомобили. Оние кои имаат клима да вклучат“, препорачува д-р Стефановски.

Особено е важен и изборот на храна. Се препорачува лесна храна но и течност најмалку два до три литри.

-Храната треба повеќе да е насочена кон јаглехидрати варени компир, ориз, зеленчук, овошје она што е побрзо сварливо и дава енергија“, дополни Каранфиловски.

Дел од граѓаните коишто ги прашавме ги почитуваат препораките и се заштитуваат. Но има и такви коишто не внимаваат.

„Како се заштитувате? Со капа, избегнуваме излегување, сабајле порано и тоа, повеќе течности, лимонада“, вели една граѓанка.

„Не сум заштитена моментално, само сега излегов набрзина инаку се штитиме под клима, сенка“, дополнува друга.

-Одиме на базен“, нагласи трет.

Здравствените лица апелираат да не се забораваат ниту електролитите.

Лекарите препорачуваат да се контролира притисокот и да се зема редовна терапија.

Елена Георгиевска