Свет

Над 50 загинати и десетици исчезнати по катастрофалните поплави во Тексас

06.07.2025 12:29

Над 50 загинати и десетици исчезнати по катастрофалните поплави што ги зафатија централните делови на сојузната држава Тексас. Најпогодени – децата од летниот камп во округот Кер. Спасувачите сè уште трагаат по 27 девојчиња. Гувернерот Абот прогласи катастрофа во 15 окрузи, Трамп најави федерална помош за државата...

Ударот на природата во Тексас зад себе остави пустош и тага. Бројот на жртви од поплавите расте. Најпогодени се областите околу реката Гуадалупе. Над 50 луѓе ги загубија животите, а поголемиот дел од нив се од летниот христијански камп за девојчиња во округот Кер. Сè уште се трага по 27 деца. Спасувачите се и натаму на терен.

„Досега пронајдовме 43 починати лица во округот Кер. Меѓу нив, 28 возрасни и 15 деца, дел сè уште не се идентификувани. Работата ќе продолжи сè додека не се пронајдат сите“, изјави Лари Леита, шериф на округот Кер.

„Засега е познато дека 27 деца се водат за исчезнати, од друга страна, не ја знаеме точната бројка на други исчезнати лица, бидејќи голем број кампери доаѓаат овде за време на викендите. Ова беше огромна трагедија. Се случи многу брзо, наврна речиси двојно повеќе дожд од она што се очекуваше и немаше многу време да се реагира“, изјави Далтон Рајс, менаџер на градот Кервил.

Излевањето на реката низ ридскиот регион зеде уште неколку жртви во Травис и округот Том Грин. Жителите сведочат за хоророт и енормното количество вода кое ненадејно дошло.

„Познавам луѓе од соседството и низводно по реката кои веќе ги нема. Водата одеднаш надојде во висина од можеби 9 метри, едноставно немаше време да се реагира. Погледнете ги дрвјата и автомобилите, а замислите дека сте во кампер или шатор. Не можете ништо да направите“, изјави жител на Инграм.

Куќата на соседот беше поплавена. За да го спаси своето семејство, скрши прозорец, ја исече артеријата и раката. Успеа да го спаси семејството, но, за жал, искрвави до смрт“, изјави Лорена Гилен, жителка на Инграм.

Гувернерот на Тексас прогласи катастрофа на ниво на држава во 15 окрузи за да се олесни пристапот до помош на погодените од поплавите.

„Декларацијата ќе обезбеди сите вклучени окрузи да имаат пристап до секоја алатка, стратегија, персонал што државата Тексас може да им го обезбеди, и што ќе биде неограничено“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.

Според надлежните, обилните врнежи дожд кои почнаа во петокот пред зори за само 45 минути успеаја да го искачат нивото на реката Гуадалупе за 8 метри. Досега се спасени околу 850 луѓе, а предупредувањата за ненадејни поплави остануваат и натаму во сила за делови од централен Тексас до крајот на викендов. Претседателот Трамп најави федерална помош.

 

Бојана Крстевски