Македонците од Албанија очекуваат да се почитуваат нивните права
Законот за нова територијална организација на Албанија значително им ги скратуваат правата на македонските и на другите малцинства во оваа држава. Кај нив сепак постои трошка надеж дека претседателот нема да го потпише овој документ, особено по реакциите на македонската дијаспора.

И покрај тоа што Албанскиот Парламент, го изгласа новиот закон за територијална поделба, во кој Македонското население останува само со една општина, сепак останува надеж дека тоа може да се смени. Имено, претседателот на Албанија, Бујар Нишани, не го потпиша овој закон, со што се очекува, во септември, да бидат прифатени забелешките и сугестиите на малцинствата, посебно на Македонците кои не се задоволни од ваквата распределба.
„Албанската влада се правда дека ги почитува сите малцински права, сите меѓународни конвенции за малцинствата, а остави општина на малцинството само во тие делови на Албанија каде што се признава малцинството. Конкретно само ние во општина Пустец постоиме како македонско малцинство и општина, додека во Голо Брдо, трите општини се планира да се припојат кон три албански општини“, рече Васил Стерјовски, секретар на МАЕИ.
Новиот закон е чекор назад во остварување на правата на Македонците во Голо Брдо и Гора кои и онака имаат многу тежок живот. Со новата територијална поделба, трите најголеми општини во Голо Брдо, во кои живеат Македонци ќе бидат припоени кон општини со поголем број Албанско население. Овие жители немаат можност ни да го изучуваат мајчиниот македонски јазик.
„Во тие три општини живеат околу 12 илјади жители со чисто македонско население. И сега со овие поделби ние го губиме тотално идентитетот македонски. Ние ќе бараме сега тие три општини, овие што ќе се укинат, барем една да остане, а тоа да биде Голо Брдо“, рече Бесник Хасани потпретседател на МАЕИ и претседател на невладината МОСТ во Голо Брдо.
Можеби овој пат ќе преовладее разумот и малцинствата во Албанија ќе добијат дел од правата што во други земји ги уживаат малцинствата.
Сандре Темелковски
