Ден на АРМ

АРМ- Гарант за интегритетот и суверенитетот

18.08.2014 16:34

Се вклучи во сите акции кога беше потребно, стана дел и од странските мисии. Признанијата што ги доби се доказ повеќе дека местото и e со најдобрите од НАТО алијансата. Македонската армија слави 22 години...

22 години армијата е гарант на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. АРМ ја продолжи традицијата на батаљонот „Мирче Ацев“, формиран на 18-ти август 43-та, под команда на генерал Михајло Аапостолски.

Првиот тест на новоформираната Армија на независна Македонија беше тензијата на Чупино брдо при повлекувањето на ЈНА, иако на 27-ми март 92-та во Скопје веќе беше потпишан договорот меѓу тогашниот претседател и врховен командат, Глигоров и генералот на ЈНА, Узелац, ЈНА да ја напушти територијата на Република Македонија.

На 17-ти март 92-та за првпат беше построена почесната единица на АРМ со македонско државно знаме и за првпат е интонирана македонската химна при пречекот на словенечкиот претседател. На 17-ти април со откривањето на натпис плочата на Домот на армијата на симболичен нечин беше одбележано военото осамостојување. Истата година касарната „Кузман Јосифовски- Питу“ започнува со  курсевите за дообука и високо воено школство.

По собраниската одлука во 93-та за приклучување во НАТО како стратешки приоритет во 95-та, Македонија стана 27 членка на мировната програма- Партнерство за мир на НАТО. Во 99- та е подготвен првиот акционен план на реформи според стандардите на Алијансата и сега сме во 14-от циклус од програмата.

Првите македонски мировници беа испратени во Авганистан во 2002 како дел од ИСАФ мисијата. Од 2003-2008 АРМ беше дел од коалициските сили во мисијата „Слобода за Ирак“. Припадниците на АРМ сеуште се дел и од мировните мисии во БиХ- Алтеа и мисијата на Обединетите нации во Јужен Либан- Унифил.

Македонските мировници за својот професионализам и заслуги се одликувани со македонски и странски медали. Признанијата и реализираните реформи сепак не ги исполнија очекувањата на априлскиот самит во 2008-та во Букурешт да станеме и членка на НАТО, иако ден претходно американскиот претседател Буш изјави дека сите земји од Јадранската група ќе станат дел од Алијансата. Проблемот со името Грција го искористи за да го блокира влезот на Македонија во Алијансата.

Чувањето на државните граници од 2004-та заклучно со мај 2007-та, војската ја предаде на новоформираната гранична полиција.

Во периодот од 2006-та  до 2007- та, Армијата е целосно професионализирана. Собранието донесе одлука со која се укинува задолжителната регрутација.

Досега се направени две национални програми– таканаречени „бели книги“ на одбраната со кои АРМ прерасна во мала ефикасна и мобилна сила.

Виолета Димовска