Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади со дронови
Москва и Киев продолжуваат со меѓусебните напади со беспилотни летала. Ова сериозно ги попречува цивилните летови низ цела Русија. Зеленски пак, задоволен од испораката на повеќе оружје од западните партнери и дополнителните финансиски санкции за Русија...

Киев и Москва ја интензивираат војната. Напади во украинската метропола, Одеса, Харков, Суми. Викендов авиосообраќајот низ цела Русија беше попречен поради масовни напади со дронови. Воените дејствија следуваат по објавувањето на договорите на Зеленски и западните партнери за зголемување на производството на беспилотни летала. Украинскиот лидер изјави дека со поддржувачите ќе продолжат да ги синхронизираат санкциите за Москва.
„Санкциите веќе ја лишуваат Русија од иднината и треба да го отежнат секојдневното работење на рускиот систем. Следната недела подготвуваме нови одлуки за да ги синхронизираме санкциите на Европската Унија – сите европски пакети против Русија треба да се спроведат во украинска јурисдикција и обратно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, шефот на Белата куќа потврди дека имал добар разговор со колегата Зеленски. Претходно Трамп рече дека е разочаран од разговорот со рускиот колега Путин бидејќи Москва продолжува да го отфрла притисокот на Вашингтон за прекин на огнот.
„Јас и помагам на Украина. Многу и помагам. И тоа е војна што никогаш не требаше да се случи. Тоа е војна што никогаш не требаше да започне. Да бев претседател, ако изборите не беа наместени, немаше сето ова да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Пораки за итен прекин на огнот упатени и од самитот на БРИКС. Лидерите на земјите-членки изразија надеж за крај на војната.
„Важно е страните вклучени во војната во Украина итно да го продлабочат директниот дијалог со цел прекин на огнот и траен мир. Групата на пријатели за мир, создадена од Кина и Бразил и со учество на земји од глобалниот Југ, се обидува да идентификува можни начини за прекин на непријателствата. Многу сериозни кризи во другите делови од светот продолжуваат да бидат игнорирани од меѓународната заедница“, изјави Луис Инасио Лула да Силва, претседател на Бразил.
Поради меѓународна потерница издадена по почетокот на воената операција во Украина, шефот на Кремљ на самитот на Брикс се обрати преку видео врска.
Маријана Димовска
