Војната во Украина продолжува
Војната во Украина продолжува. Во нападите во текот на ноќта во Киев, Одеса, Харков, Суми има жртви и повредени. Зеленски ги притиска Европа и САД да помогнат со системи за воздушна одбрана. Во меѓувреме, шефот на Белата куќа потврди дека имал добар разговор со колегата Зеленски. Претходно Трамп рече дека е разочаран од разговорот со рускиот колега Путин. Пораки за крај на конфликтот и од самитот на „БРИКС“.

Војната во Европа не запира. Украинската централна разузнавачка агенција тврди дека нападнале фабрика за производство на компоненти за руски ракети во Московскиот Регион. Русија пак, известува за успешно соборени беспилотни летала над руска територија. Нападите во текот на ноќта во Киев, Одеса, Харков, Суми, поминаа со жртви и повредени.
„Според прелиминарните податоци, веруваме дека станува збор за беспилотни летала опремени со боеви глави. Ова е првична проценка – разбираме дека ќе бидат спроведени дополнителни испитувања за да се утврди точниот вид оружје. Ова е кривично дело и терористички чин против локалните жители и сите граѓани на Украина“, изјави Амил Омаров, раководител на канцеларијата на регионалниот обвинител на Харков.
„Утрово, непријателот го нападна Харков со четири беспилотни летала „Шахед“.Како резултат на тоа, имаме тешки разурнувања во две области“, изјави Игор Терехов, градоначалник на Харков
Зеленски ги притиска Европа и САД да помогнат со системи за воздушна одбрана. Објави дека со западните партнери го зголемува производството на беспилотни летала и ги синхронизираат санкциите за Москва.
„Санкциите веќе ја лишуваат Русија од иднината и треба да го отежнат секојдневното работење на рускиот систем. Следната недела подготвуваме нови одлуки за да ги синхронизираме санкциите на Европската Унија – сите европски пакети против Русија треба да се спроведат во украинска јурисдикција и обратно“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, шефот на Белата куќа потврди дека имал добар разговор со колегата Зеленски. Претходно Трамп рече дека е разочаран од разговорот со рускиот колега Путин бидејќи Москва продолжува да го отфрла притисокот на Вашингтон за прекин на огнот.
„Јас и помагам на Украина. Многу и помагам. И тоа е војна што никогаш не требаше да се случи. Тоа е војна што никогаш не требаше да започне. Да бев претседател, изборите да не беа наместени, немаше сето ова да се случи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД
Пораки за итен прекин на огнот упатени и од самитот на БРИКС. Лидерите на земјите членки изразија надеж за крај на војната.
„Важно е страните вклучени во војната во Украина итно да го продлабочат директниот дијалог со цел прекин на огнот и траен мир. Групата на пријатели за мир, создадена од Кина и Бразил и со учество на земји од глобалниот Југ, се обидува да идентификува можни начини за прекин на непријателствата. Многу сериозни кризи во другите делови од светот продолжуваат да бидат игнорирани од меѓународната заедница“, изјави Луис Инасио Лула да Силва, претседател на Бразил
Поради меѓународна потерница издадена по почетокот на воената операција во Украина, шефот на Кремљ на самитот на Брикс се обрати преку видеоврска.
Маријана Димовска
