Правда

Филков бара поддршка за законот за Судскиот совет

07.07.2025 18:03

Правосудството на ремонт – реформи во полн замав! Министерот Филков со список на конкретни чекори-нов закон за Судски совет, електронски алки, фемида, канцеларија за жртви и водич за бесплатна правна помош. Од министерство без стратегија – до институција што, како што вели, конечно работи за граѓаните, а не за привилегираните …

Во изминатите 12 месеци, подготвени и доставени до владата 22 системски закони, од кои 13 се директно предвидени со реформската агенда. Министерот Филков тврди дека од осумте закони во реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура. Клучен меѓу овие е новиот предлог закон за судскиот совет, кој претставува коренита промена во начинот на кој се избираат и разрешуваат судиите, како и во одговорноста на самите членови на советот.

Поништивме одлука на претходната влада со која беше десеткратно зголемена нотарската тарифа, се активираше комората на вештаци, се стави во функција системот „Фемида“ за снимање судски рочишта, започна примена на електронските алки за извршување мерки, се отвори канцеларија за поддршка на жртви на насилство, формиравме нов совет за координирање на информатичко комуникациската технологија во правосудството, го промовиравме првиот водич за бесплатна правна помош во постапките за азил, започнавме едукативна кампања „наша надлежност, твое право“ – додаде министерот.

Филков нагласи дека затекнале министерство без стратегија, без систем и без волја и дека сега се градат институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните.

 

Фиљана Кока