Гаши: Локалните избори ќе се распишат во август
Локалните избори тропаат на врата – политичката арена веќе зоврива! Собранискиот спикер најавува: изборите ќе бидат распишани во првата половина од август, а гласањето ќе се одржи во втората половина на октомври. Но додека се чека официјалниот старт, партиите веќе се фрлија во изборна битка, обвинувања, дисквалификации и жестоки препукувања околу кандидатите за градоначалници. Кој со што влегува во кампањата, и дали ќе има измени во изборниот законик?

Собранискиот спикер Африм Гаши вели дека во првата половина од август ќе бидат распишани локалните избори за октомври. Ќе бидат запазени сите рокови како што налага законот потенцира првиот парламентарец.
„Изборниот законик има две одредби по кои се водиме. Прво е одредбата да не биде повеќе од 90 или помалку од 70 дена. Втората ориентациона точка е законот за локална самоуправа каде се вели дека изборите треба да се одржат во втората половина на октомври. Во рамките на овие два периода, ќе ги распишеме избори. Најверојатно во првата половина од август.“, соопшти Африм Гаши.
И додека се чека распишувањето на изборите партиите на големо се препукуваат околу веќе објавените кандидати за градоначалници. За кандидатурата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје, социјалдемократите велат тој е пример како не треба да се работи. Скопје не смее да стане поголема верзија на Кисела Вода.
Во ВМРО-ДПМНЕ пак за кандидатите на СДСМ велат дека или се комплетно непознати или не направиле ништо во општината каде биле градоначалници.
Миле A.Ристески
