Прва жртва од пожарите, пронајдено тело во Ѓорче Петров
Пронајдено изгорено човечко тело по пожарот кај Лепенец, додека хеликоптери и Ер-трактори се борат со пламените јазици кај Блаце и Чучер Сандево. Во Самоков, по експлозија на буре со хемикалии, повторно се активираше пожар во кругот на фабриката за оружје. Ангелов вели-состојбата не е алармантна …

Изгорено човечко тело пронајдено во помошна просторија по пожарот што избувна кај мостот на реката Лепенец, во близина на Железничката станица во Ѓорче Петров, информира Министерството за внатрешни работи. Пожарот прво зафатил сува трева, но потоа се проширил и на помошни објекти и штали.
Со Ер-трактор, три хеликоптери, со употреба на пренаменетите воени и полициски возила се интервенира на големиот пожар кај Блаце и Чучер Сандево. Се прошири на два крака, од кој едниот на непристапен ридско-планински терен. Тони и тони вода се фрлени од воздух за да се смират пламените јазици.
Огнената стихија зафати мешана шума и ниска вегетација.
По експлозија на буре со хемикалии, повторно активиран и пожарот во кругот на фабриката за оружје и муниција во Самоков. Таму е зафатена ниска вегетација и површина со трева, а градоначалникот на Македонски Брод побара поддршка и од противпожарните екипи од Прилеп и Кичево.
Александра Велинова
