САД

Расте бројот на загинати во поплавите во Тексас

07.07.2025 15:16

Карпи, дрва, возила и жртви сè уште носи буицата по поројните дождови во централнотексашката река Гвадалупе, којашто се претвори во убиствен, уништувачки монструм. Над 80 луѓе се пријавени за загинати, но најверојатно бројката ќе надмине стотина, поради неодредениот број исчезнати...

Карпи, дрва, возила и жртви сè уште носи буицата по поројните дождови во централнотексашката река Гвадалупе, којашто се претвори во убиствен, уништувачки монструм. Над 80 луѓе се пријавени за загинати, но најверојатно бројката ќе надмине стотина, поради неодредениот број исчезнати. Во центарот на смртоносниот биланс е областа Кер каде што катастрофата збриша христијански летен камп со десетици девојки.

„Имаше толку многу вресоци, премногу вресоци. Тие цело време удираа на вратите, некои успеаја да побегнат. Сакаа да си ги земат работите со себе, немаше воопшто време за тоа. Мораа да бегаат“, вели Лорена Гилен, сопственичка на кампот.

„Толку многу деца загинаа, многу е тажно и тоа е најтешкиот дел. Тоа беа наши деца. Онаму. Кампот е најтрагичната работа во целата состојба“, изјави Хајди Истон, претставничка на локалната власт на Кервил.

„Ова не можевме да го предвидиме. Наврна премногу вода за прекусо време. Од изворите се наполнија рекичките, потоа и реката и количеството вода беше страшно“, вели Дејвид Рист, жител на Кервил.

Американскиот претседател, Трамп, ја активираше федералната агенција за управување со кризи во тексас. Трагедијата ја нарече ужасна.

„Ова можеби се случува еднаш во стотина години. Никогаш не сум видел вакво нешто досега. Некој се обидува да го обвини кампот, но можам да кажам само дека ова е ужасна работа“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во реакциите до федералната власт пристигнаа критиките за намалувањето на работните позиции во националниот метеоролошки сервис. Белата куќа ја демантираше информацијата. Предупредувањата пристигнале до локалните власти, прашањето е зошто не била прогласена тревога.

„Ќе има целосна истрага, но сега за нас се поважни семејствата на жртвите и на жителите. Бевме среде подготовки за дождот којшто наврна прерано и премногу. Не одговараме веќе на вакви прашања зашто треба да продолжиме со спасувачките операции“, рече Далтон Рајс, управник на гратчето Кервил.

Незапаметените поројни поплави однесоа и детски животи, десетина сè уште се водат за исчезнати. Во Тексас е прогласена жалост за жртвите, метеоролозите најавија нови изобилни врнежи во наредниот викенд.

Зоран Богатинов