Во Белата куќа средба Трамп-Нетанјаху
Израелскиот премиер Нетанјаху допатува во Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Во фокусот на средбата изнаоѓање решение за кризата на Блискиот Исток.

Можен прекин на огнот во Газа и долгорочен мировен договор, теми на состанокот Трамп – Нетанјху во Белата Куќа. Американскиот претседател уверува дека нема застој во преговорите Израел – Хамас. Во фокусот и актуелните случувања во регионот и неодамнешните напади врз Иран. Трамп потврди дека Техеран побарале разговори во врска со нуклеарната програма.
„Закажавме разговори со Иран, а тие сакаат да разговараат. Претрпеа голем пораз кога ги погодивме трите локации. Тие побараа состанок и ќе одам на состанок. И ако можеме да ставиме нешто на хартија, тоа ќе биде во ред. Мислам дека стекнаа многу почит кон нас и кон Израел. Но, тие би сакале да се сретнат и ќе имаме состанок“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Нетанјаху повторно ја отфрли можноста за создавање палестинска држава, истакнувајќи дека Израел засекогаш ќе го задржи контролниот механизам за безбедност во Газа. Израелскиот премиер вели дека војната ќе заврши откако Хамас ќе се предаде, а заедно со САД работат за наоѓање земји што ќе им дадат на Палестинците подобра иднина. За раселувањето на палестинското население меѓународната заедница и натаму негодува.
„Мислам дека можеме да постигнеме мир меѓу нас и целиот Блиски Исток, под водство на претседателот Трамп. И со заедничка работа, мислам дека можеме да воспоставиме мир што ќе ги вклучи сите наши соседи. Тесно соработуваме со Соединетите Држави за да пронајдеме земји кои ќе им дадат на Палестинците подобра иднина“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Специјалниот пратеник Виткоф, неделава ќе патува во Катар, во обид за договор за крај на 21-месечната војна во Газа. Белата куќа ги повика Израел и Хамас брзо да потпишат нов договор за прекин на огнот што би донел 60-дневна пауза во борбите, и ослободување на дел од преостанатите 50 заложници, од кои се верува дека 20 се живи. Хамас претходно изјави дека е подготвен да ги ослободи сите заложници во замена за крај на војната и целосно израелско повлекување од Газа. Пред Амбасадата на САД во Тел Авив и на Капитол Хил во Вашингтон протести.
„Претседателе Трамп, вие застанавте покрај нас за да победиме против Иран, но нема поголема победа од спасување живот. Тоа е вистинско лидерство и така историјата ќе ве памети, претседателот што можеше“, изјави демонстрант.
„Тука сме да ги потсетиме дека треба да се ослободат 50 заложници. Не можеме да прифатиме договор за делумно ослободување на некои заложници, а тоа значи дека некои од заложниците ќе останат во тунелите неограничено време и можеби ова ќе биде нивна смртна казна“, изјави демонстрант.
Израелскиот премиер Нетанјаху соопшти дека го номинирал американскиот претседател Трамп за Нобелова награда за мир, предавајќи му копија од писмото испратено до Нобеловиот комитет.
Маријана Димовска
