топло време

Високиот УВ-индекс ризичен за здравјето на луѓето

08.07.2025 18:21

Македонија е земја со голем број сончеви денови. Сонцето е природен извор на витамин Д и е од особено значење за луѓето. Но прекумерната изложеност на сонце и високиот УВ-индекс во летните месеци, претставува дополнителен ризик по здравјето. Лекарите препорачуваат, задолжително користење на креми со заштитен фактор, за да не дојде до трајно оштетување и рак на кожата, не само додека сме на плажа, туку и во секојдневното функционирање …

Високите летни температури негативно влијаат врз здравјето на луѓето. Сонцето како единствен природен извор на витамин Д, е од особено значење за човекот но прекумерната изложеност на сончевите зраци во летните месеци и високиот индекс на УВ зрачењето претставува дополнителен ризик.

Ултравиолетовите зраци на сонцето се опасни и трајно можат да ја оштетат кожата, истовремено се и најголем причинител за рак на кожа.

За да се избегнат изгореници и оштетување на кожата, пред изложување на сонце потребно е да се направат припреми, да се отстранат мртвите клетки и кожата добро да се исхидрира.

„Непосредно пред излегување на сонце да се нанесе заштитен фактор за сонце, тој заштитен фактор за сонце треба да е минимум 30, доволно е само половина час на сонце без заштитен фактор за да изгорите“, изјави Андреј Петров-специјалист по дерматовенерологија.

На граѓаните познати има се ризиците од уве зрачењето, но најголемиот дел од нив особено повозрасните, немаат навика да користат креми со заштитен фактор при секојдневната изложеност на сонце, помладите почесто ги практикуваат.

Кога сонцето е највисоко на небото, најголема е радијацијата од УВ-зраците, лекарите препорачуваат да се избегнува излегување во период од 11 до 17 ч, и задолжително секојдневно користење на креми со заштитен фактор.

Александра Максимовска