УНЕСКО

Охридскиот регион на листата на светско наследство во опасност?

08.07.2025 17:31

Во Париз започна четириесет и седмата сесија на Комитетот за светско наследство. Во наредните неколку дена комитетот по трет пат ќе гласа дали охридскиот регион, наше единствено природно и културно светско наследство ќе биде впишано во листата на светски наследства во опасност. Ставање на оваа листа побараа четириесет граѓански организации од регионот и Европа...

Седумнаесет граѓански организации од Македонија, 13 од Албанија, една европска мрежа од 15 организации, како и 9 организации од балканскиот регион и Обединетото Кралство упатија писмо до Комитетот на УНЕСКО да предложи Охридскиот регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност.

„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно сме загрижени поради сите нереализирани планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста“, рекоа граѓански организации.

Нацрт одлуката е веќе објавена при што се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишкото блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс „Горица“ и да го ревидира предлог Законот за прогласување на Студенчишкото блато за Парк на природата.

Усвојувањето на Нацрт одлуката од Комитетот нема да значи дека Охридскиот регион ќе биде избришан од Листата на заштитени подрачја под УНЕСКО.

Напротив, како што велат некои експерти тоа ќе придонесе државата поефикасно да се справи со наталожените проблеми кои придонесуваат Охридскиот регион да ги губи вредностите по кои е препознатлив во светот.

 

Сашо Нелоски