интеграции

Забрзан пристап на Македонија во ЕУ по низа пречки на патот, побара известителот Томас Вајц

09.07.2025 08:09

Во Европскиот парламент заврши дебатата по Извештајот за напредокот на Македонија. Забрзан пристап на Македонија во Европската унија по низа пречки на патот, побара известителот Томас Вајц. Остри реакции ден пред гласањето . Еврокомесарката Кос порача јасна порака за евроинтегрирањето, но со уставни измени...

Мораме да се бориме против влијанието однадвор во регионот. Дали е тоа руско, кинеско, арапско или српско, не е битно, луѓето треба да решаваат за сопствената иднина, рече известителот за Македонија во Европскиот парламент.

„Македонија, а сега Северна Македонија беше предводник со Словенија. Што се случи со Северна Македонија? Имаше многу препреки на патот. Историски препреки, како и пречки поврзани со војните во минатото. И препреки поврзани со билатералните односи. А тие треба да се градат од двете страни. Сега кога е актуелна геополитичката состојба кога треба да внимаваме на единството, мислам дека е време да го забрзаме интегрирањето на Северна Македонија“, изјави Томас Вајц-известител на Европскиот парламент за Македонија.

Барем да го преземеме наредниот чекор, побара известителот. Добрите билатерални односи со соседите се единствена можност за придвижувањето на земјата, став на еврокомесарката Кос.

„Единствена можност за тоа се уставните измени. Владата во Скопје е пред историската можност и одговорност да ги направи решителните чекори кон ЕУ и да го искористи присутниот моментум на проширување“, изјави Марта Kос-европска комесарка за проширување.

Кос порача-земјата мора да го почне процесот на пристапување со кластерот за фундаменталните вредности, реформите според планот на раст се во вистински правец. Грчките и бугарските пратеници со истите ставови, првите за потеклото на вистинската Македонија, вторите за идентитетот на земјата и за говорот на омраза.

„Ги обединуваме силите за наше добро, за Македонците, грците, бугарите за европјаните. За тоа служи пристапувањето“, изјави Томас Вајц-известител на Европскиот парламент за Македонија.

Идентитетот и јазикот се неприкосновено право на Македонците, став на некои од европратениците. Хрватските ја потсетија Кос на словенечката блокада на интеграцијата на Загреб поради излезот на море за Љубљана. И дополнија, тоа е зад нас, ние сега можеме заедно на пијалак.

 

Зоран Богатинов