Собрание

Продолжува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот

09.07.2025 08:46

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманската расправа по ребалансот на Буџетот...

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува амандманската расправа по ребалансот на Буџетот. Според информациите објавени на веб страницата на законодавниот дом, седницата треба да почне во 11 часот.

За ребалансот на Буџетот се поднесени околу 200 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ.

Општиот претрес за ребалансот почна на 2 јули, а заедно со амандманската расправа трае вкупно десет дена.

Со ребалансот се врши реалокација на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедат средства за исплата на плати пред сè во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а обезбедени се дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.

Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти.