БЛИСКИ ИСТОК

Интензивни разговори за крај на војната во Газа

09.07.2025 09:42

Американскиот претседател Трамп и израелскиот премиер Нетанјаху за два дена се сретнаа по вторпат, но без детали од разговорите. Вашингтон се надева дека до крајот на неделава ќе има договор за двомесечен прекин на огнот...

Интензивни дискусии за крај на војната во Газа. Американските, катарските и египетските медијатори го зголемија притисокот врз Израел и Хамас за запирање на борбите. Израелскиот премиер двапати се сретна со американскиот претседател Трамп. Нетанјаху вели, разговорите се фокусирале на ослободување на заложниците.

„Сè уште треба да ја завршиме работата во Газа, да ги ослободиме сите наши заложници, да ги елиминираме и уништиме воените и управувачките капацитети на Хамас. Газа мора да има поинаква иднина, за наше добро, за доброто на сите“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Предлогот за прекин на борбите предвидува 60-дневно примирје и постепено ослободување на заложниците, повлекување на израелските трупи од делови на Газа и дискусија за можноста за прекин на војната. Пратеникот на Трамп Виткоф неделава патува во Доха да им се придружи на преговарачките тимови.

„Се надеваме дека до крајот на оваа недела ќе имаме договор кој ќе нè доведе до 60-дневен прекин на огнот. Десет живи заложници ќе бидат ослободени. Деветмина починати ќе бидат вратени“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на Трамп.

И Катар потврди дека има позитивен ангажман од завојуваните страни.

„Единственото нешто што можеме да кажеме е дека има ангажман од двете страни. Очигледно, она што се обидуваме да го направиме е да го премостиме јазот во позициите на двете страни околу чувствителните прашања“, рече Маџид ал-Ансари, портпарол на МНР на Катар.

Продолжуваат апелите од меѓународната заедница за брзо решавање на војната.

„Војна без крај и без стратешка цел претставува огромна закана за регионот и нашата колективна безбедност. Заедно, свесни сме дека политичкиот излез е клучен. И верувам во иднината на решението со две држави“, истакна Емануел Макрон, претседател на Франција.

Израелските одбранбени сили дејствуваат во северна Газа по убиството на петмина војници.

„Беит Ханун е целна област каде што дејствуваат десетици терористи и во неа има неколку подземни тунели кои мора да ги демонтираме“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската армија.

Војната почна на 7 октомври 2023 година по нападот од Хамас во граничните градови и кибуци во јужен Израел.

 

Маријана Димовска