Руско - украински конфликт

Трамп ја заострува реториката кон Путин, размислува и за санкции

09.07.2025 12:12

Трамп ја заострува реториката кон Путин. Откако изрази разочарување од неговиот руски колега, сега размислува за воведување санкции кон Москва. Вашингтон испраќа ново одбранбено оружје за Киев. Русија одговара – тоа не води кон мир...

Откако досегашните напори за ставање крај на војната во Украина не вродија со плод, американскиот претседател Трамп најави дополнителна испорака на одбранбено оружје за поддршка на украинските сили, драматично менувајќи ја претходната одлука за паузирање на воената помош. Ги нарече бесмислени обидите за преговори со рускиот претседател Путин.

„Сакаме да поставиме одбранбено оружје, бидејќи Путин не се однесува правилно кон луѓето, убива премногу луѓе. Затоа испраќаме оружје за одбрана на Украина, јас го одобрив тоа. Знаете, ова е војна која никогаш не требаше да се случи, умираат многу луѓе и треба да заврши. Добивме многу глупости од Путин. Ако сакате да ја знаете вистината, тој беше фин цело време, но се покажа дека сето тоа е бесмислено“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Украинскиот претседател Зеленски нареди интензивирање на комуникацијата со американската страна за што поскоро спроведување на одлуката на Трамп за испорака на ракетите патриот.

„Сега ги имаме потребните политички изјави и одлуки и мора да ги спроведеме што е можно поскоро за да го заштитиме нашиот народ и да ги одбраниме нашите позиции. Ова главно вклучува воздушна одбрана, како и сите други елементи за снабдување од САД“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Кремљ предупреди дека одлуката на Трамп да продолжи со снабдувањето оружје за Украина, нема да придонесе за мирно решавање на конфликтот, напротив ќе ги продолжи воените операции.

Ден по најавите на Вашингтон за испраќа, Москва изврши масовен напад врз цели во Украина. Рекордни над 700 беспилотни летала и десетици крстосувачки ракети беа испалени кон западните области, што претставува еден од најжестоките руски напади од почетокот на војната.

Во Киев е ракетирано централното градско подрачје, а противвоздушната одбрана дејствувала и соборила неколку цели. По огласувањето на сирените за тревога за руските воздушни напади во близина на границата со полска, НАТО сојузниците ги кренаа воените авиони за превентивна одбрана.

Маја Стојанова