Табановце - Прешево

„One stop“ на Табановце го намали времето на чекање

09.07.2025 19:43

На најфреквентниот граничен премин Табановце, веќе пет дена функционира системот за една контрола со соседна Србија. Мерката треба да обезбеди поефикасно и побрзо поминување на границата. На Табановце значаен проток на возила, но патниците оценуваат намалено е чекањето...

Поедноставеното гранично преминување, „One stop“, помеѓу Македонија и Србија, дава резултати. Намалено е времето за чекање, велат патниците.

Целта на новиот концепт на работа на најфреквентниот граничен премин, е забрзување на протокот на патници, особено сега во летниот период кога метежот е најизразен. Патниците коишто ги прашавме чекаат по десетина минути. Метежот велат е вообичаен за овој период од годината. Засега задоволни од мерката, значајно е намалено времето за чекање.

Системот со кој се врши само една контрола при влез во државата, започна да функционира пред само неколку денови.

„Овој систем овозможува со едно застанување вршење на гранични проверки на граничните служби на двете земји, со што се избегнуваат двојни проверки и се скратува целокупната процедура на влез и излез“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Поради големиот проток на патници на Табановце во функција се шест ленти за патнички моторни возила, дополнително за автобусите и транспортерите. Според статистиката на полицијата, изминативе 24 часа, од овој граничен премин во државата влегле 16.700 патници, односно 63.000 лица минатиот викенд. Од почетокот на годината заклучно со јуни влез оствариле еден милион и петстотини илјади патници, што е зголемување споредбено со лани. Метежот е најголем во летниот период. Значаен број патници транзитираат низ земјава и се упатуваат на одмор кон јужниот сосед.

Елена Георгиевска