Битола: Граѓани на протест поради градежни работи
Жители, сопственици и корисници на станбени и деловни објекти на влезот во Битола, кај населбата Горно Оризари, одржаа мирен протест со блокада на улицата „8-ми септември“. Незадоволни од текот на изградбата на булеварскиот влез во Битола од страна на Прилеп. Со поставување на банкини и им се оневозможува целосен пристап до нивните станбени и деловни објекти. Бараат сервисен пат или 3-6метри влез пред секој субјект. Градоначалникот вели безбедноста не смее да биде заложник на бесправно изградени објекти, но е отворен да се изнајде решение во рамки на законот …

Утрово со мирен протест и двочасовна блокада на ул. 8-ми септември, засегнати граѓани го изразија незадоволството од изведбата на новиот булеварски влез во Битола.
Револтирани од градежните работи со кои трајно им се оневозможува пристап до нивните деловни и станбени објекти, бараат измени во проектот и што поскоро изнаоѓање решение за пристап до нивниот имот.
Градоначалникот вели, се работи за сообраќајно решение за потребите на сите граѓани и посетители, со кое според проектот, утврден е сообраќаен приклучок од секундарна сообраќајна мрежа, а не од магистралната улица како што бараат жителите, затоа што тоа е противзаконски и крајно небезбедно.
Градежните активности започнаа пред една година, до сега реализирани се 1/3 од првата фаза. Станува збор за модерен и безбеден влез во должина од 1.300 и ширина од 27 ипол метри.
Александра Максимовска
