Европски парламент

Извештај без македонски јазик и индентитет

09.07.2025 15:28

Без македонски јазик и македонски идентитет усвоен извештајот за Македонија во Eвропскиот парламент. Вајц задоволен што поминал документот...

461 европратеник гласаше „за“, 121 против и 107 воздржани за извештајот за Македонија на известителот Томас Вајц. Извештајот помина без споменување на македонски јазик и идентитет, компромис меѓу различните европски партии за отстапување од принципиелната поддршка за македонските национални обележја. Споменувањето на идентитетот и јазикот не беше грешка, рече известителот Вајц.

„Да се признае идентитетот и јазикот на земја-кандидатка треба да е природно и непроблематично. Амандманите дојдоа од 4 групи и мислам дека не беше грешка, но во демократскиот процес се одлучи да не се вклучат во овој извештај. Извештајот е добар вклучува критики за недостигот и пофалби за направените реформи, и на ова треба да се фокусираме.“, изјави Томас Вајц-известител за Северна Македонија.

Вајц повторно ги отфрли обвинувањата дека имал нелегитимни средби со македонските власти за извештајот, укажа дека повторно ќе го прави тоа и за следните извештаи и повика бугарските претставници да не ја подгреваат ситуацијата околу евроинтеграцијата на Македонија. Бугарски и грчки пратеници, пак, претходно ја претворија дебатата за извештајот во дебата за македонскиот идентитет и јазик, каква што не доликува на европскиот храм на демократијата.

„Јас сум горда Македонка, вистинска, а не лажна како оние во Скопје.“, изјави Афродити Латинупулу-европарламентарка од Грција.

„Вметнувањето на Бугарите во сите релевантни делови од Уставот, почитување на договорот со Бугарија од 2017-та и преговарачката рамка, нема да го нарушат вашиот идентитет. Секое пролонгирање на реформите за членство ќе го направи токму тоа.“, изјави Ивајло Валчев-европратеник од Бугарија.

Одговорот стигна од словенечката европратеничка со македонско потекло.

Извештајот препорачува забрзани преговори по уставните промени и засилени реформи за владеење на правото, јавната администрација, борбата против корупцијата и зајакнување на демократијата.

 

Ирина Гелевска