Реакции по гласањето во Европскиот парламент
На Македонија и е нанесена неправда, но, вистината излезе на виделина – се покажа дека вметнувањето на Бугарите во Уставот не е единствената пречка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски на вонредната прес-конференција по гласањето за извештајот. Рече дека земјава е на вистинската страна, останува на европскиот пат и ќе продолжи да се бори за основните човекови права...

На Македонија и е нанесена неправда и тоа од најблискиот сосед, Бугарија. На Европа сега можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина. Оваа остра реакција на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски следува по изгласувањето на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, од чии финални формулации беа отстранети македонскиот јазик и идентитет. Тој оцени дека ЕУ јасно покажала што очекува од Македонија, услови кои не важат за ниту една друга држава – кандидат.
„Тоа се политичари од врвен калибар, кои совршено знаат што е суштината на овие барања. Сега сè им е сервирано на тацна. Не сакам никој повеќе да ми зборува дека бугарското малцинство е проблем – уште утре можеме да го внесеме во Уставот. Но суштината е поинаква. Проблемот не е во тоа, туку во триесетгодишната стратегија која ја водат низ европските ходници против македонската нација“, рече Мицкоски.
Државата, од независноста досега направи куп отстапки и помирувања, додава Мицкоски, но вистинскиот проблем е што лидерите со децении не воделе сметка за националниот интерес. Најави дека нема да дозволи ново предавство, ниту отстапување од македонските национални интереси, нагласувајќи дека земјава останува на европскиот пат.
„Оваа борба е и ќе биде тешка. Но ќе успееме. Малубројна земја сме со големо срце. Ги почитуваме соседите, дури и кога ќе ги фатиме живи како работат против нас. Но без заемна почит, нема да постигнат ништо. Кога ќе почнат да не почитуваат – ќе ни бидат најголем пријател“, истакна тој.
„Јас сум само моментален функционер, но работам ден и ноќ за да ја реализирам целта – достоинствено членство во ЕУ. Тоа не е само цел, туку потреба за нашата држава“, рече Мицкоски.
Моменталната блокада не е единствената причина за застојот во евроинтеграциите, вели Мицкоски, туку проблемите датираат уште од 90-тите години, кога Македонија беше признаена како држава, но не и како нација.
Борис Грујоски
