Тошковски: Пожарите можеби се дел од поинакво сценарио, истрагите за подметнувања се во тек
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва по состанокот на Кризниот штаб во Владата, кажа дека сите денешни пожари се ставени под контрола, но и дека постојат индиции кои укажуваат на тоа дека дел од пожарите се подметнати...

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вечерва по состанокот на Кризниот штаб во Владата, кажа дека сите денешни пожари се ставени под контрола, но и дека постојат индиции кои укажуваат на тоа дека дел од пожарите се подметнати.
„Причина за распламтување на пожарите во најголема мера беа неповолни временски услови и силен ветер кој го имавме во текот на денот. Имаме основи на сомнение дека дел од пожарите се подметнати од човечки фактори. Во моментов се истражуваат повеќе наоди за подметнување на пожари близу клучни инфраструктурни капацитети, патишта, густо населени области и приватни објекти. Не сакам да шпекулирам, но можно е да се работи и за едно поинакво сценарио од она кое би било сценарио на случајност“, нагласи Тошковски.
Додаде дека институциите се на терен, вчера било приведено лице затекнато како пали пожар, а приведени се и сопствениците на отпадот во Визбегово каде утринава изби голем пожар.
„Многу е симптоматично како се неутрализира и локализира еден пожар, набрзо започнува втор пожар. Како се неутрализира и локализира и тој пожар, почнува трет пожар. Сите тие се поврзани со одредена клучна инфраструктура во државата и од страна на професионалците во МВР сум информиран дека се сомневаат дека станува збор за одредено сценарио кое се сака да се постигне во Македонија. Спремни сме да одговориме и покажавме дека можеме и во иднина ќе одговориме соодветно. Сите оние што ќе се дрзнат да го доведат под знак прашалник животот на македонските граѓани, соодветно ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече министерот за внатрешни работи.
