Блиски исток

Хамас се сложува да ослободи 10 заложници

10.07.2025 08:58

Неделава во регионот на Блискиот Исток патува специјалниот пратеник Виткоф со цел продолжување на дијалогот Израел – Хамас и воспоставување 60-дневно примирје...

Хамас објави дека се согласиле да ослободат десет заложници за време на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа. Неделава во регионот на Блискиот Исток патува специјалниот пратеник Виткоф со цел продолжување на дијалогот Израел – Хамас и воспоставување 60-дневно примирје.

Претседателот на САД и израелскиот премиер се сретнаа двапати за два дена во Белата куќа. Нетанјаху вели дека тој и Трамп имаат заедничка цел.

„Во остварувањето на оваа заедничка цел, стратегија и заедничка тактика. Ова не вклучува притисок, не вклучува принуда. Вклучува целосна координација. Претседателот Трамп сака договор, но не по секоја цена. Израел има безбедносни и други барања. И работиме заедно за да се обидеме да го постигнеме тоа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Израелскиот премиер изјави дека го поддржува мирот со Палестинците, но дека секоја идна независна палестинска држава, според него, претставува безбедносна закана и платформа за уништување на Израел.