Со музичко визуелен спектакл ќе се отвори Охридско лето
На Петровден по традиција ќе се подигне завесата на најголемата музичко сценска манифестација во земјава. Фестивалот „Охридско лето“. Од дирекцијата на фестивалот велат дека публиката на отворањето во античкиот театар ќе проследи музичко визуелен спектакл. Но и дека во наредните четириесет фестивалски вечери, љубителите на музиката и театарот ќе имаат можност да проследат квалитетни настани.

Со музичко-визуелниот спектакл во кој се вклучени Македонската филхармонија,, пpијанистката Клер Хуангчи, како и диригентот Едвин Оутвотер од САД, ќе биде отворено 65-тото издание на фестивалот Охридско лето.
Директорот, Ѓорѓи Цуцковски, вели дека на публиката ќе и овозможат да види нешто различно, поради што отворањето е насловено како „Трансформација на сетилата“. Тоа ќе биде доживување не само за увото, туку и за очите. А, Античкиот театар ќе добие ново руво, нов дизајн. Цуцковски најавува квалитетни настани и во текот на останатите фестивалски вечери.
„Срцето на фестивалот е катедралната црква „Света Софија“, и годинава ќе ја збогатиме нејзината важност со присуство на најеминентни светски музички уметници како Михаил Плетњов на пијано, Вадим Глузман на виолина, Гудачкиот квартет на Кралскиот Концертгебау оркестар од Холандија, Симфоника ди Болоња, а исто така имаме предвидено два џез концерти“, изјави Ѓорѓи Цуцковски, директор на НУ Охридско лето.
И во ова фестивалско издание драмските претстави ќе бидат силна алка, при што публиката ќе може да види три премиери.
„Кога ќе ја погледнете целокупната програма на фестивалот, веќе познавачите на уметноста знаат дека станува збор за висококвалитетна програма. Тоа беше нашата примарна цел, да ги вратиме енциклопедиските уметнички имиња во рамките на фестивалот“, истакна Цуцковски.
Охридско лето, како и секогаш, и ова лето ќе биде магнет за вљубениците на сериозната музика од земјава и странство. Што секако придонесува за афирмација на Охрид како културен центар.
Сашо Нелоски
