воен конфликт

Русија продолжува со интензивни напади врз украински градови

10.07.2025 19:01

Русија продолжува со интензивни напади врз украински градови. Киев одново на удар, граѓаните ја минаа ноќта во засолништа. САД ја продолжи испораката на одредени видови оружје за Украина. Москва предупреди, одлуката на САД нема да помогне во постигнувањето мирно решавање на конфликтот. Во Рим конференцијата за зајакнување на Украина...

Масовен руски воздушен напад врз Украина втора ноќ по ред. Киев е најтешко погоден. Илјадници луѓе ја поминаа ноќта во засолниште. Има жртви и повредени. Русија се обидува да ја совлада воздушната одбрана на Украина и почна нов напад за пробивање делови од фронтовската линија каде што украинските војници се со ограничени сили и под голем притисок.

„Последниот месец и половина постојано ми недостигаше сон, бидејќи нападите станаа многу почести и поактивни. Нападите со беспилотни летала пред една година беа едно, а сега се сосема друго. Навистина го чувствуваме заморот“, изјави жителка на Киев.

„Не можам ни да кажам што ќе се случи следно. Тоа е вистински шок. Едноставно трпите се. Сега имам само ранец, телефон, зимска јакна и тоа е тоа. Ова е целиот мој живот сега“, изјави друга жителка на Киев.

Администрацијата на Трамп ја продолжи испораката на одредени видови оружје за Украина, само една седмица по наредбата на Пентагон за привремено запирање на дел од испораките. Шефот на Белата Куќа објави, разгледува испраќање на уште еден ракетен систем „Патриот“. Зеленски на конференцијата за Зајакнување на Украина во Рим се сретна со специјалниот пратеник на САД, Келог и ја истакна важноста од продолжувањето на воената помош.

„Украина побара „Патриот“. Ќе го разгледам тоа, но многу е скапо. Штета е што мора да трошиме толку многу пари за војна што никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател. Тоа е ужасна војна. Многу тажно“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Руското МНР предупреди дека одлуката на САД да испрати повеќе оружје во Украина нема да помогне во постигнувањето мирно решавање на конфликтот.

„Последиците од ваквите потези сè уште треба да се проценат, но може да се каже со сигурност дека продолжувањето на испораките на оружје во Украина нема да помогне. Благо кажано нема да донесе мирно решавање на конфликтот, на што светската заедница, вклучително и Западното крило, навидум повикува“, изјави Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија.

Во меѓувреме, Лондон и Париз се договорија да координираат нуклеарно одвраќање против Русија и се спогодија да нарачаат дополнителни крстосувачки ракети „Сторм Шадоу“. На 70-годишнината од Германија во НАТО, Генералниот секретар Руте и канцеларот Мерц се осврнаа на заканата од Русија и Кина. За одлуката за зголемување на одбранбените трошоци на НАТО, шефот на Алијансата вели дека е неопходно да се одговори на безбедносните предизвици.

 

Маријана Димовска