Македонија

Реакции по изгласаниот Извештај на Македонија во ЕП

10.07.2025 16:32

Нема да се однесуваме незрело и да ги напуштиме преговорите, остануваме посветени и фокусирани реформите, ќе докажеме дека сме атрактивни за Европската унија, архитектите од Бугарија нема да ги исполнат целите порачува премиерот Мицкоски. По изгласаниот Извештај за Македонија во Европскиот парламент низа реакции и повици за национално обединување, но и критики од опозицијата за пораз на владината дипломатијата по отстранување на македонскиот јазик и идентитети...

Гласањето во Европскиот парламент за бришење на термините „македонски јазик“ и “идентитет“ од Извештајот за напредокот на Македонија, покажа дека Бугарија нема намера да застане само со внесувањето на Бугарите во Уставот, туку бришење на македонскиот народ и јазик, вели премиерот Мицкоски.

Изземањето на идентитетот и јазикот од Извештајот не е закана за неговото признавање од страна на ЕУ, туку доказ, смета лидерот на СДСМ. Филипче, сепак, прстот директно го впери кон ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека како булдожер ги сруши меѓународните позиции на државата.

Владиниот коалицискиот партнер, ЗНАМ, смета дека по уставните промени, Софија ќе има нови барања. Местото на Македонија е во ЕУ, но нема да дозволиме бришење на нашата историја, категоричен Димитриевски.

Внатрешните проблеми во земјата стануваат проблем и на надворешен план. Со Извештајот во Европскиот парламент се губат партнерите и сојузниците, велат од Европскиот фронт.

Идентитетот и јазикот не се дел од преговарачкиот процес, потенцираше евроамбасадорот Михалис Рокас по усвојувањето на Извештајот во Европскиот парламент без македонски идентитет и јазик.

Официјална Софија го поздрави гласањето на Извештајот без идентитетски одредници. Според шефот на бугарската дипломатија, Георгиев“ со ова е спречено Европскиот парламент да биде користен за политичка пропаганда на Скопје. 

 

Ирина Гелевска